Собранието денеска ја констатираше оставката на премиерот Зоран Заев од функцијата, што беше дочекано со аплауз од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а Владата, а актуелната Влада останува на должност до изборот на новата Влада.
Заев оставката ја најави по одржувањето на локалните избори. Тој преку писмо ги информираше претседателот на Собранието Талат Џафери и пратениците дека поднесува оставка од функцијата премиер и објасни дека „одлуката ја донел како логичен чекор што произлегува од исходот на локалните избори и како израз на одговорност за изборите. Резултатите од последните избори, како што наведе, иако биле локални, имаат принципиелна и политичка тежина за политичкиот момент во кој се наоѓа државата.
Уставот и собранискиот Деловник ја регулираат постапката во случај на оставка на претседателот на Владата. Роковите за формирањето на новата Владата започнуваат да течат по констатирање на оставката од страна на пратениците.
Член 90 од Уставот предвидува дека претседателот на државата е должен во рок од десет дена да го довери мандатот за состав на Влада на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.
Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Тоа значи дека најдоцна за 30 дена државата ќе има нова Влада која би ја предводел Димитар Ковачевски, кој беше избран од Заев како негов наследник на функцијата. Ковачевски беше заменик министер за финансии, а во меѓувреме стана лидер на СДСМ. Воедно СДСМ обезбеди мнозинство во Парламентот со влезот на Алтернатива во владејачката коалиција.