Готов е извештајот на полицијата по увидот во тетовската модуларана болница. Обвинителството извести дека Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења испратил документ кој ќе треба да се анализира. Сепак, обвинителството не споделува повеќе детали, како на пример дали МВР утврдило како избувнал пожарот во кој изгореа 14 КОВИД пациенти, објави Алсат
„Дејствијата за утврдување на причините за настанатиот пожар кои ги преземаат петмината обвинители континуирано се одвиваат. Во момeнтов се врши сослушување на членови на Комисии за импелементација, следење и технички прием на модуларните монтажни контејнери кои биле со решение формирани од Министерството за труд и социјална политика“, велат од ОЈО.
Конечен извештај и утврдување на причините за пожарот на 8 – ми минатиот месец, очекува и премиерот Заев. Од истрагата зависи, дали ќе се активираат оставките на министерот и заменикот за здравство, Венко Филипче и Илир Хасани, како и на двајцата директори во тетовската болница.