Цената на горивата од ноќеска на полноќ се намалува за два денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,79 отсто.
Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе изнесува 76,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 78,5, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 74, а Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) за 73 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 1,514 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 40,572 денари.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 6,306 отсто, кај дизелот за 5,591, кај екстра лесното масло за 5,787 и кај мазутот за 5,969 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 1,153 отсто.