Горанчо Аризанкоски од село Другово во својата 57-годишна возраст дури 117 пати дарувал крв. Тој истакна дека оваа хумана мисија ја започнал во својата 18-годишна возраст и тоа редовно го практикува до денеска и ветува, дека се додека го служи здравјето ќе подарува дел од својата драгоцена течност.

– За прв пат крв подарив пред 39 години кога имав само 18 години, оваа хумана мисија ја практикувам и денес и така ќе биде се додека ме служи здравјето. Бројот на крводарувања ќе беше и поголем ако во два наврати од објективни причини не бев спречен да подарам дел од својата драгоцена течност. Првиот пат имав една операција, додека вториот пат од својата компанија бев испратен на терен, вели Аризанкоски, кој иако нема сигурна работа и  приходи, сепак ветува дека крв ќе дарува се додека може.

Тој истакнува дека секогаш кога бил повикан да дарува крв, во ниту еден момент не бил во дилема дали да му помогне на човек кога е во невоља.

Аризанкоски вели дека денеска со своите 57 години веќе не е млад, но барем два пати годишно дарува крв и порачува дека сите физички здрави лица да тргнат по неговите стапки. Вети дека ќе дарува се додека стигне до бројката од 150 крводарувања.

– Горд сум на остварените резултати а ќе бидам уште погорделив, кога ќе стигнам до бројката од 150 крводарувања, затоа што сметам дека на толку луѓе сум им го спасил животот. Можеби и државата треба да води повеќе сметка крводарителите рекордери да добијат сигурна работа, со што барем малку ќе им се оддолжи за долгогодишната хумана дејност и пожртвуваност, рече  популарниот „Ченто“, кој е препознатлив по црните мустаќи, бескрајно трпелив да ви зборува за крводарителството и својата хумана мисија.