Невладините организации на сопругите на вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи и на директорот на агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу заедно со други две организации поделиле пари од странски фонд во висина од над 600 илјади евра, обвинува новинарот Горан Момировски.
Тој вели дека има документи кои покажуваат дека станува збор за пари кои се од странски фонд наменет за поддршка во битката со насилен екстремизам и тероризам. Но, одлуката на функционерите која организација да ги добие странските пари според истражувањето на Момировски била клучна.
„Вицепремиерот Битиќи бил дел од владата која што одлучувала по документи поврзани со овие 618 илјади евра и тој не се изземал при решавањето. Во најмала рака треба да се испита како е можно сопруги на двајца од топ 20 функционери во државата да ги добијат овие стравични пари“, вели Момировски.
Алсат побара став од вицепремиерот за економија Битиќи, тој вели дека не сака да коментира индиции кои и самиот новинар така ги нарекува наодите кои ги изнесува во јавноста.
„Доколку господинот има докази за проневера на меѓународна, повторувам меѓународна организација нека ги изнесе. До тогаш за мене оваа тема е затворена“, вели Битиќи.
Став добивме и од сопругата на директорот на агенцијата за разузнавање, Афродита Муслиу. Таа всушност не препрати до невладината Македонски центар за меѓународна соработка, кој биле координатори на проектот. Од таму изјавија дека псоочените информации од страна на новинарот се неточни. Целиот износ го има договорено МЦМС и ќе користи 60 проценти од средствата. Посочените организации се мали партнери. Момировски за случајот, го известил и обвинителството и антикорупциската комисија.