Бугарскиот новинар Горан Благоев, кој е дел од иницијативната група за демонтирање на споменикот на советската армија во Софија, изјави дека споменикот треба да се отстрани од центарот на бугарската престолнина.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Горан Благоев за БТВ коментира дека е крајно време сите партии во Бугарија да го кажат своето мислење за спомен обележјето на окупаторската советска армија.
Ова не е нова тема за бугарското општество, бидејќи веќе 30 години разни јавни личности предлагаат демонтирање на споменикот на советската армија, а не негово разнесување.
Во Бугарија, според Благоев, ниту еден војник на советската армија не бил убиен во 1944 година. На нејзина територија има умрени од пијанство и рани здобиени во Романија, но нема убиени од бугарската армија. Тој, исто така, се изјасни против напишаното на споменикот дека советската армија е „ослободител“ на Бугарија, изјавувајќи дека таа влегла во земјата за да им помогне на комунистите да дојдат на власт.
Според Благоев, овој споменик не е под закрилата на меѓудржавниот договор меѓу Бугарија и Русија за заштита на воените споменици на територијата на Бугарија.
– Од април 1993 година, општинскиот совет на Софија има дозвола за демонтирање, а владата на Љубен Беров тогаш го спречи тоа – објасни Горан Благоев.
Дописникот на МИА од Софија потсетува дека пред неколку дена иницијативната група за демонтирање на споменикот на советската армија ги повика институциите да одлучат за иднината на споменикот, а општинските советници од Демократска Бугарија доставија извештај со кој ја обврзуваат градоначалничката на Софија, Јорданка Фандакова, да го премести споменикот надвор од центарот на Софија во Музејот на тоталитарната уметност.