Владата на Република Словенија во своите приоритети за регионот, особено ги издвојува помошта и поддршката за Република Северна Македонија и за Босна и Херцеговина и интеграција во ЕУ. Во тој контекст, Владата го става на располагање целиот свој капацитет и има обезбедено средства и соодветна техничка помош за користење од страна на институциите на Република Северна Македонија.
Ова, како што соопшти собраниската прес – служба, го истакна претседателот на Владата на Словенија, Роберт Голоб на средбата со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери кој е во официјална посета на Словенија.
Претседателот Џафери, пак, се посочува, ги поздрави традиционалните пријателски односи и одличната динамика на средби на сите нивоа и се заблагодари посебно за тековната словенечка полициска поддршка на македонско-грчката граница, како дел од заедничката акција за управување со зголемените миграциски текови, согласно протоколот потпишан меѓу министерствата за внатрешни работи на двете држави.
Во разговорите на Џафери со потпретседателката на Владата и министерка за надворешни работи Тања Фајон, беше поздравено претседателствувањето на Република Северна Македонија со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и со Процесот за соработка со Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), со декларирана отворена поддршка на нашата земја и предвидените приоритети во рамки на овие процеси.
-Она што беше особено истакнато е дека моментумот за забрзување на процесот на проширување како резултат на случувањата во Украина не смее да се испушти и дека Словенија ќе направи сè што е во нејзина моќ истиот да не ја изгуби динамиката, а земјите кандидати мора да продолжат со бараните реформи, се наведува во соопштението.
Претседателот Џафери упати замолница за вклучување на Словенија како мост на поврзување меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во рамки на ЕУ, со оглед на нејзините добри познавања на регионот и практичното искуство при пристапување и надминување на отворените прашања со соседите пред и по зачленувањето во Европската унија стои во соопштението од собраниската прес служба.