Научниците од универзитетот Гете во Франкфурт тврдат дека конечно ја утврдиле причината за појава на крвни згрутчувања по давање на поединечни вакцини против коронавирус, а тврдат дека знаат како да го решат тој проблем.

Како главен виновник тие ги истакнуваат таканаречените „пловечки мутирани протеини“ кои можат да се појават кога вакцината го испраќа „спајк“ протеинот на коронавирус во погрешен дел од клетката. Тие тврдат дека веќе имаат идеја како да го решат овој потенцијално сериозен проблем, пишува британскиот „Sun“.

Научниците веднаш ја контактирале компанијата „Џонсон и Џонсон“ и ја запознале со своите откритија, со надеж дека ќе им помогнат во создавање на побезбедни вакцини.

Вакцината на компанијата „АстраЗенека“ се сметаше за најдобар кандидат во трката за пронаоѓање на ефикасна вакцина против коронавирусот, меѓутоа низата инциденти го нарушија имиџот на оваа компанија во јавноста.

Имено, кај поединечни пациенти кои примиле две дози од вакцината на „АстраЗенека“ е забележана појава на крвни згрутчувања кои потенцијално можат да предизвикаат тромбоза. Поради тоа, некои земји потполно се откажаа од употреба на оваа вакцина или ја ограничија само на одредени старосни групи што го забави процесот на имунизација.

Кога и по давањето на вакцината на „Џонсон и Џонсон“ се случи истото, стручната јавност беше под притисок да ја пронајде причината за овој феномен и да понуди потенцијално решение. Тоа изгледа му успеало на тимот од универзитетот Гете.

Ралф Маршалек, водечки научник од овој универзитет, ги изнел најновите сознанија во интервју за „Financial Times“, додека целото истражување ќе биде наскоро објавено во медицинските списанија.

Според него, причината за појава на крвни згручтувања се „пловечките мутирани протеини“. Тие настануваат кај произведувачи кои користат аденовирусни вектори за да го испратат „спајк“ протеинот на коронавирусот во човечкото тело.

Она што е потенцијално проблематично кај оваа постапка е што „спајк“ протеинот на вирусот се испраќа во јадрото на клетката, а не во цитолошката течност во внатрешноста на клетката во која вирусот нормално произведува протеини. Кога ќе се најдат во јадрото на клетките, поединечни делови од „спајк“ протеинот се распаѓаат и создаваат мутирани верзии кои не се способни да се залепат за клеточната мембрана, туку се излачуваат и кружат низ телото.

Според Маршалек, ова е причината зошто едно во 100.000 вакцинирани лица добива крвни згрутчувања.

„Кога генот на вирусот ќе се најде во нуклеусот, тоа може да предизвика проблем“, вели професорот.

За разлика од технологиите кои ги користат „АстраЗенека“ и „Џонсон и Џонсон“, мРНА вакцините како што се „Фајзер“ и „Модерна“ го испраќаат споменатиот протеин во цитолошката течност, а не во клеточното јадро, што спречува појава на згрутчување.

Само 309 од 33 милиони лица кои ја примиле вакцината на „АстраЗенека“ и „Џонсон и Џонсон“ во Британија добиле крвни згрутчувања, односно 142 лица од 16 милиони во остатокот од Европа. Сепак, 56-те смртни случаи кои се поврзуваат со овие згрутчувања предизвикаа страв помеѓу оние кои сакаат да се вакцинираат, па самите пациенти започнаа да ги избегнуваат овие вакцини.

Маршалек е свесен за тоа, но вели дека постои решение – доволно е произведувачите на вакцини да ја модифицираат секвенцата на „спајк“ протеинот за да го спречат неговото распаѓање.

„Со податоците со кои располагаме, можеме да им посочиме на компаниите како да ги изменат тие проблематични секвенци на начин кој ќе ги спречи непосакуваните реакции“, уверен е д-р Маршалек.

Маршалек вели дека резултатите од своите истражувања ги проследил до германските здравствени власти како и до здравствените тела кои се занимаваат со вакцинација.

„Тие беа изненадени од нашите наоди бидејќи никој не очекуваше дека „спајк“ протеинот предизвикува проблем“.

Компанијата „Џонсон и Џонсон“ изјавила дека ги поддржува ваквите истражувања:

„На решавање на проблемот со крвните згрутчувања, работиме со медицински експерти ширум светот и очекуваме дека ќе можеме да ги проучиме овие нови податоци кога тие ќе бидат официјално објавени“.

„АстраЗенека“ не се огласила по повод ваквото откритие.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.