Како ретко кога во својата историја светот во ист миг е зафатена од повеќе пожари. Ова се драматични слики од вселената објавени од НАСА. Црвените ознаки означуваат места каде има активни жаришта. Пожари актуелно има низ делови на Јужна Европа, Јужна и Северна Америка, поголемиот дел од Јужна Африка, но и во Австралија каде е во тек календарската зима. Јужна Европа во моментов доживува многу критична ситуација, со силни пожари во Италија, Грција, Шпанија, С. Македонија и Турција.
Медитеранот го очекува нов топлотен бран, суши и пожари, многу полоши од глобалното затоплување, се вели во извештај на ОН. Атина трпи страшни последици. Опожарени се стотици домови, десетици фабрики и бизниси, многу возила, а затворени се и некои автопати. Во пожар животот го загуби еден пожарникар доброволец. Синоќа ситуацијата стана уште поопасна. Неколку области во предградијата на Атина беа евакуирани.
Со пожарите се борат и други соседни земји, вклучувајќи ја и Албанија. Првично огнот што гореше на полуостровот Карабурун беше изгаснат, но утрово повторно се активира жариштето на планината Дукат, кој беше изгаснат пред неколку денови. Во текот на ноќта имаше нови пожари во Заливот Грама. Огнот кај селото Ливадја, општина Финиќ се држи под контрола, но ситуацијата и понатаму е неизвесна на северот од земјата, во Фиер, Кукс, Тропоја, Вермош и Мирдита.
И Италија продолжува да се бори со пожарите, додека метеоролозите за следните денови прогнозираат екстремно високи температури. Најкритична е ситуацијата во Сицилија, каде веќе има две жртви, а властите прогласија вонредна состојба.
Долготрајната суша за која научниците велат дека е предизвикана од климатските промени, исто така ги направи Соединетите Американски Држави ранливи на разорни пожари. Огнот што ја зафати северна Калифорнија стана трет по големина во историјата на државата и се чини дека ќе продолжи да се разгорува.
Фатлуме Дервиши