Зголемени гужви се забележуваат на граничните премини во Македонија, каде што возачите се соочуваат со подолго чекање поради продолжениот викенд и летните патувања. Најголем застој има на Богородица, Табановце и Меџитлија, каде колоните од возила растат од час во час.

На граничниот премин Богородица чекањето за излез од државата е околу половина час, додека на Табановце задржувањата за влез и излез се движат од 40 минути до еден час. Слична состојба има и на Меџитлија, каде возачите известуваат за долги колони и нервозни реакции. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања.

И покрај гужвите на границите, од Авто-мото сојузот информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, со зголемен интензитет надвор од градските средини. Поради летниот бран патувања, се бележи голема фреквенција на возила, а на некои делници е можен и краткотраен застој.

АМСМ апелира возачите да ја приспособат брзината, да ја почитуваат поставената сигнализација и да управуваат внимателно со возилата. Особено се посочуваат делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои ризик од појава на одрони. Најризични делници се Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Текстот Големи гужви на Богородица, Табановце и на Меџитлија поради продолжениот викенд е превземен од МАКФАКС.