Косовската полиција денеска заплени 400 килограми дрога кокаин во камион натоварен со месо, што пристигнал во градот Липљан, а допатувал во земјата од пристаништето Драч во Албанија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според неофицијални полициски извори на кои се повикуваат косовските медиуми, операцијата за заплена на ова огромно количество дрога, е спроведена во координирана акција на полициите на Италија, Албанија и Косово, а по информации добиени од американската ДЕА.
Според албанската телевизија АБЦ, дрогата спакувана во исти пакети како оние во кои било месото, стасала во Драч од Италија, по што контејнерот во кој се наоѓала бил натоварен на камион со приштински регистерски таблички.
Случајот бил иследуван повеќе од два месеци, а дрогата по потекло од Бразил стасала во албанското пристаниште пред 15 дена и била под постојан надзор на полицијата.
Полицијата го следела движењето на камионот и контејнерот со ГПС и не интервенирала се додека не стасале на нивната конечна дестинација, во Липљан, по што интервенирала косовската полиција.
Се очекува во текот на денот Полицијата на Косово да истапи со повеќе детали околу операцијата. (МИА)