Oна што требаше да изгледа како одмор од соништата заврши со голема трагедија. Мајката и двете мали деца од Германија починаа во Истанбул, таткото е на интензивна нега. Полицијата истражува во сите правци.

Прво стануваше збор за расипани полнети школки, популарна улична храна во турската метропола, во меѓувреме некои медиуми пишуваат и за нелегални инсектициди што се користат во хотелот каде што престојувало четиричленото семејство од Хамбург. Оваа теорија е поткрепена и од фактот дека неколку други гости на истиот хотел моментално се на лекување, пишува Дојче Веле.

Германските медиуми ја пренесуваат изјавата на локален лекар, кој наведува дека хотелот бил дезинфициран од штетници.

Во меѓувреме, властите го евакуираа погодениот хотел во населбата Фатих, според државната новинска агенција Анадолу во саботата навечер, и ја запечатија зградата. Гостите се преместени. Според официјалните податоци од петокот, во Истанбул не е откриено невообичаено зголемување на случаите на труење со храна.

Уапсени осум осомничени

Според извештаите на медиумите, во меѓувреме се уапсени единаесет осомничени: веќе во петокот, четворица продавачи на улична храна, во саботата уште тројца осомничени, меѓу кои еден одговорен во хотелот, пекар од хотелската област, а денес уште двајца вработени во хотелот кои треба да бидат изведени пред истражен судија.

Татко, мајка, шестгодишен син и тригодишна ќерка, семејство од турско потекло од Хамбург, отпатуваа во Истанбул пред една недела. Во среда, според агенцијата Анадолу, семејството беше примено во болница под сомнение за труење со храна поради гадење и повраќање и накратко беше отпуштено.

Откако состојбата се влоши, целото семејство повторно беше пренесено во болница во текот на ноќта. Набргу потоа, двете деца починаа, а потоа во петокот почина и мајката. Таткото е сè уште на интензивна нега – нема нови информации за неговата состојба.

Неостварен сон

Таткото на починатата жена изјави за новинската агенција Анадолу дека се надева на добри вести за својот зет. Семејството доаѓало во Турција на одмор секоја година. Ова лето, тие го уредиле и реновирале таванот во семејниот стан во нивниот роден град Болдавин: „Тие планирале да се преселат тука. Ова беше нивниот сон.“

Со над 19 милиони туристи годишно, Истанбул е една од најпосетуваните метрополи во светот. Туристичката канцеларија зборува за тоа како градот целосно се опоравил по терористичките напади и политичките немири во последните години. Според германските медиуми, хигиенските стандарди во рестораните се зголемени во последните години.

Текстот Голема истрага во Истанбул откако починаа мајка и двете деца по престој во хотел, таткото се’ уште е на интензивна нега е превземен од МАКФАКС.