Попладнево околу 16 часот избувна голем шумски пожар во подножјето на Осоговските Планини, на околу еден километар над Кочани.
Огнот зафати борова шума на површина од околу 10 хектари, а помогнат од силниот ветер брзо се шири во правец на градот и најверојатно ќе зафати поголема шумска површина.
– На терен се наоѓаат екипи на Територијалната противпожарна единица од Кочани, кои со две возила и четири пожарникари се обидуваат да го контролираат ширењето на огнот. Истовремено нашите колеги интервенираат на пожар кај селото Бања во општина ЧешиновоОблешево и единицата не е комплетна за интервенцијата во Кочани. Поради тоа ги повикавме и колегите од Штип и Виница, истакна Благој Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.
Првичните сознанија укажуваат дека пожарот е предизвикан од удар на гром, а сувата вегетација дополнително придонесува за неговото брзо ширење.
На истата локација имаше пожар и пред една седмица, при што изгоре шума на површина од 10 хектари.