Во сите региони на Франција дојде до дефект на телефонската мрежа со броевите за итни случаи. Од овој досега најголем дефект беа погодени броевите за брза помош – 15, пожарната и спасувачите -18, за полицијата 17 и бројот за итни случаи -112, што се користи низ цела Европска унија, јави дописникот на МИА.
Дефектот е поврзан со операторот „Оранж“, поради технички инцидент на еден од неговите рутери.
Компанијата, сепак, утринава уверуваше дека се е вратено во нормала.
„Мрежата од полноќ повторно работи, но останува под надзор, особено со зголемувањето на оптоварувањето за следните неколку часа“, изјави портпаролот на Оранж.
-Ова е неприфатливо, изјави Патрик Голдстајн, шеф на службата за брза помош за ТВ БФМ.
Тоа, според него, било извор на максимална вознемиреност, особено што ги засегна сите департмани.
-Тоа што не загрижува е што луѓето повикуваат за срцеви напади, несреќи (…). Треба да можеме да одговориме на овие повици што е можно побрзо. Постои вистински проблем со загрозување на здравјето и безбедноста на другите, објасни Патрик Пелу, претседател на Здружението на лекари за итни случаи на Франција.
Последиците од овој гигантски дефект на телефонските броеви засега се непознати.
Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманан и државниот секретар за дигитална технологија Седрик О во текот на денот треба да одржат кризен состанок со префектите.