Според податоците од Управата за извршување на санкции до кои дојде МИА, вкупната сума што се издвојува за сите казнено-поправни установи и воспитно-поправниот дом Тетово во земјава изнесува 1.119.634.000 денари или 18,2 милиони евра. Од нив, половина се наменети за затворска полиција и затворските службеници 555.675.000 денари, а околу 18 проценти или 199.500.000 денари за подобрување на условите во затворите.
Во 2020 година во затворите низ земјава имало вкупно 1.901 затвореник или пополнети биле 89 проценти од вкупниот капацитет на затворите, кој што, според податоците од Управата за извршување на санкции е 2.113 лица – со тоа што за секое лице просечно да има најмалку 4 метри квадратни или девет метри кубни простор.
Според тоа, државата годишно секој затвореник во просек ја чини 588 илјади денари или 9.500 евра.
МИА дознава дека, додека вкупниот капацитет на сите затвори низ државата во 2020 година не бил целосно искористен, пренатрупаност има во три затвори, и тоа во Затвор Штип, каде биле сместени 225 лица или 161 процент од неговиот капацитет од 139 лица, потоа Затвор Тетово, кој има капацитет за 48 затвореници, а биле сместени 70 лица или 145 проценти, и Затвор Прилеп, со пополнетост од 102 проценти на неговиот капацитет од вкупно 108 затвореници, а биле сместени 111 затвореници.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права за МИА велат дека иако во изминатиот период се нотирани некои напредувања во казнено-поправните установи, најмногу во поглед на подобрување на материјалните услови, сепак пенитенцијарниот систем сѐ уште се соочува со големи проблеми и предизвици.
– Особено во поглед на материјалните услови, здравствената заштита, образованието и ресоцијализацијата на осудените лица. Дополнително, осудените лица често поднесуваат претставки до Хелсиншкиот комитет за примена на прекумерна сила од страна на службените лица во казнено-поправните установи – припадници на затворската полиција, за што е потребно зајакнување на ефикасноста и ефективноста на надворешниот механизам за гонење на сите случаи на тортура и нечовечко однесување, велат од комитетот.
Ова, меѓу другото, се наведува и во извештајот од Комитетот за спречување тортура за 2020 година во кој е наведено дека РСМ треба да воспостави професионална затворска служба и да ги подобри условите во затворите за кој директорот на Управата за извршување на санкции, Марјан Спасовски, за МИА вели дека внимателно го анализирале истиот.
– Не само во делот на професионализација на затворската полиција, туку во, пред сѐ, главните забелешки се во делот од здравствената заштита и сместувачките капацитети, за таа цел, кон крајот на месец јули ќе се распише тендер во делот на реконструкција на казнено-поправните установи, каде што ќе изградиме целосно, ново, затворено одделение и постоечкиот стар објект кој е најстар во Идризово ќе биде срушен и ќе се изгради ново, затворено одделение во првата градба, во втората градба имаме изградба на перална, кујна и притворско одделение, споделува Спасовски.
Се намалува бројот на затвореници, пренатрупаност има во затворите во Штип, Тетово и Прилеп
Затворската популација во земјава во последните неколку години има тренд на намалување, на ниво на државата, сепак, проблемот со пренатрупаноста во затворите во Штип и Тетово се повторува.
Вкупниот број на затвореници во 2017 година изнесувал 2.763 лица, што е 130 проценти во вкупниот капацитет на затворите. Таа бројка е во постојан пад и од 92 проценти пополнетост во 2018 и 91 процент во 2019 година, се намалува на 1.901 затвореник или пополнетост од 89 проценти во 2020 година.
Затворот во Штип има капацитет за 139 затвореници, но постојано се соочува со пренатрупаност. Иако, бројот на затвореници се намалува од 309 или 222 проценти пополнетост во 2017 година на 225 затвореници или 161 процент пополнетост во 2020 година.
Затворот во Тетово, исто така, се соочува со пренатрупаност. Иако со капацитет за 48 затвореници, во него во 2020 година биле сместени 70 затвореници, што е пополнетост од 145 проценти. Тоа е раст во споредба со 2019 година, кога има пополнетост од 137 проценти и имал 66 затвореници.
Најмала искористеност на капацитетите во 2020 година имаат затворите во Охрид – пополнетост од само 14 проценти, Гевгелија – 57 проценти и Струга и Куманово со по 76 проценти искористеност.
Спасовски вели дека ова се должи пред сѐ на типизација и мрежата на затвори во Република Северна Македонија.
– Штип е затвор од затворен тип, казнено-поправен дом, како што е таков казнено-поправниот дом во Тетово и домот во Идризово. Штип е централен затвор кој ја покрива цела Источна Македонија и пренатрупаноста се должи на тоа што упатните акти од Основните судови од цела Источна Македонија одат првенствено во КП во Штип, вели Спасовски.
Дополнува дека за жал, слична е ситуацијата и со Прилеп.
– Разговараме за затворените капацитети, затоа што сместувачките капацитети во установите од полуотворен тип, меѓутоа и во установите од затворен тип, како што се КП домовите, имаме доволно сместувачки капацитети, меѓутоа станува збор за одделенија од полуотворен и отворен тип, за жал, затворените одделенија ни се преполнети, таков е случајот и со Идризово, посочува тој.
Од Хелсиншкиот комитет велат дека пренатрупаност во казнено поправните установи моментално нема, но под ризик од пренатрупаност се установите КПД Идризово и КПД Штип.
– Тоа го нотиравме за времетраење на нашите посети во казнено поправните установи во период од август до откомври 2020 година. Примената на алтернативните мерки како замена на ефективната казна затвор ќе доведе до долготрајно решение на овој проблем, односно намалување на пренатрупаноста, но и со самото тоа подобрување на условите во затворите, велат оттаму.
Во однос на прашањето зошто не се врши распределба на затворениците во затворите кои што имаат повеќе слободен капацитет од Управата за извршување на санкции велат дека за тоа треба да се исполнат одредени услови од безбедносен аспект.
– Во преговори сме затворот во Охрид да премине во КП установа од полуотворен тип, КП Прилеп е од лани преименуван од КП установа во КП дом и размислуваме на тема да, еден од постоечките затвори од полуотворен тип, да премине во Установа од затворен тип, меѓутоа, за тоа треба одредени услови да се исполнуваат, пред сѐ тука мислам од безбедносен аспект, вели Спасовски.
Северна Македонија има 105 затвореници на 100 илјади жители, Црна Гора – 172, Хрватска – 84
Според податоците од Worlds Prison Brief, на лондонскиот Институт за истражување на криминал и политика за правда – ИЦПР, Северна Македонија во 2020 година имала 2.175 затвореници, вклучително лица во притвор, или 105 затвореници на 100.000 жители. Од нив 3,3 проценти се жени, 0,1 процент малолетници, а 6,5 отсто странски државјани.
Во земјите од регионот најмногу затвореници на 100.000 жители имаат Црна Гора – 172, Албанија – 164 и Србија – 158. Потоа следат, Бугарија – 109, Грција – 107, Северна Македонија – 105, Косово – 103 и Хрватска со 84 затвореници на 100 илјади жители.
Во Европа најмногу затвореници на 100 илјади жители имаат Белорусија – 345, Турција – 335 и Русија – 330, додека најмалку затворници на 100 илјади жители имаат Германија – 69, Финска – 53, Норвешка – 49 и Исланд – 33.
Додека меѓународните мониторинг мисии кај нас констатираат дека има пренатрупаност во затворите, во светот интензивно се аплицираат алтернативните мерки кои значително ги релаксираат казнено-поправните установи.