Пишува: Владимир Перев
Ете, и тоа се случи. “Чествувавме“ 151 година од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев и успеавме да минеме без ниту една жртва, без испукан куршум. Некогаш, куршумите беа пукани во слава на борбата и победата, а денес, во Македонија, куршумите се исфрлаат во знак на омраза и жед за насилие врз поинаквите од нас. Знамињата пак, се посебна приказна.
Цел живот сум во Скопје и ги знам сите чествувања на Гоце. Многу ретко во минатите времиња некој одеше кај неговиот саркофаг на 4-ти мај, денот на неговата погибија, а речи си никој не одеше на 4-ти февруари, на роденденот на револуционерот. Така е овде кај нас православните, ние повеќе ја славиме смртта, наместо животот, повеќе Велигден, измачувањата Исусови и Воскресението, отколку Божик, Рождеството и животот за сите нас. Денес, чествувањето на животот и смртта на македонските револуционери, барем оние кои македонците си ги признаваат и ги присвојуваат, претставува поле на бескомпромисен политички натпревар во служба на наредните избори, па макар кога и да бидат.
Оваа година, “Гоцевото чествување“ почна значително по рано, со жестоки повикувања на линч на бугарите, најчесто низ социјалните мрежи и утринските контактни програми на скоро сите телевизии. Ние македонците, победени од силата на грчката дипломатија и силата на албанското оружје, останавме неказнето (барем засега) да се бориме против единствениот преостанат непријател-бугарите. Затоа, контактните утрински емисии беа слика на лажлива национална супериорност зачинети со простачка политичка вулгарност на учесниците и оние кои ги слушаа и коментираа.
Полицијата и службите за безбедност беа најмалиот проблем на самиот ден на поклонението. Тие не беа учесници, беа само активни набљудувачи на она што се гледаше. А се гледаше вистинска оргија на политичко проституирање на оние кои тебаше да предводат дел од учесниците и да се грижат за сопственото достоинство и достоинството на херојот. Да дојдеш на чествување на Гоце Делчев или на било кој од хероите на ВМРО, без оглед на тоа дали припаѓал кон левицата или десницата, и да вееш знамиња со симболот на Вергина е вистинско светогрдие. Тоа е навреда кон жртвата, но и навреда кон целата револуционерна борба на македонците за својата слобода. Наши поробители не биле само Османлиите, тука било и грчкото духовно ропство, андартските ѕверства и насилија, за подоцна да се заменат со српската окупација на територијата на Вардарска Македонија. Згора на сето, изјавите, како копирани на лента, дека “денес односите на релацијата Бугарија-Македонија се најлоши од било кога“ се перверзно поигрување со меморијата на постарите генерации кои имале елементарен опит од политика…нека дојде некој и да ни каже кога овие меѓудржавни односи биле воопшто, барем малку добри и подносливи. Никогаш, буквално никогаш! Тоа беше илузија подхранувана заради пасивноста на софиските институции по однос на правата на македонските бугари и премолчаната согласност за нивна елиминација. Тоа беше југословенска политика која играше на сопствените привилегии кон Москва и заробеноста на бугарските институции и народ од истата таа Москва. Прикриениот сталинист Тито, беше пријателски прифатен од сталинистите во Источниот блок, а жртва на нивното пријателство беа, меѓу другите, и македонските бугари и албанците. Тука се корените на нашата прифатливост на сталинистичките култови како Тито, Георги Димитров, Енвер Хоџа, некои кинески раководители и што е најважно, воодушевувањето на некои структури кај нас и во Бугарија со ликот на сатрапот и најголемиот сталинист до сега, Владимир Владимирович…ние не успеавме да го надминеме сентиментот кон нашето робување!
Гоце Делчев е македонски револуционер, онака како што Тадеуш Кошчушко и Лафајет се американски борци за слобода. Но Делчев си останува со својата бугарска народносна идентификација, исто како што Кошчушко останува полјак а Лафајет французин. Тоа се научни факти и никакви меѓунационални комисии тоа не можат да го променат!
Родното место на Гоце е Кукуш, целосно опожарен, разграбен и раселен од грчката војска во Втората балканска војна 1913 година. Преживеаното население бега во Струмица и Петрич, па до денешен ден за нив се говори како за “бежанците“. Повеќето од нив се роднини и имаат исти презимиња. Оние во Петрич се декларираат отсекогаш како бугари, а нашите струмичани, прво биле бугари, потоа јужносрбијанци, потоа југословени, па македонци, па одново југословени и македонци, за повеќето од нив, во денешни дни да имаат бугарско државјанство и пасоши, ама мудро си молчат и не се изјаснуваат. Трагедијата, семејно пренесувана од колено на колено, ги научила да бидат внимателни и да се сообразат со реалноста. Впрочем, тоа е целата семејна мудрост во денешна Македонија, мудрост создадена на опитот на сопствените трагедии.
Бугарската делегација, предводена од министерот Демерџиев даде културни и прифатливи одговори на прашањата на македонските новинари. Неговите коментари беа до сега најотворениот повик за пријателство меѓу двата народа и двете држави, но не го кажа своето мнение за самото чествување. Само неколку часа подоцна, Министерството за надворешни работи на Бугарија, за медиите, даде свое соопштение во кое приципиелно беше осудена организацијата на чествувањето, неисполнетите обврски од македонска страна и осуда на начинот на кој се оствари посетата на бугарската делгација. Најголема е осудата за македонското одбивање за заедничко чествување и полагање венци на саркофагот на Гоце во “Св. Спас“.
Во сето просташтво и гротескност на чествувањето за Гоце оваа година, се појави една, само една светла точка. Пратеничката во бугарскиот парламент Елисавета Белобрадова, на 4-ти февруари го посети Кукуш, родниот град на нашиот неспорен, заеднички идол. Во видеото кое го претстави, таа кажа дека од оној Кукуш на Гоце Делчев нема ништо останато, освен црквата “Св. Георги“ која во тоа време била унијатска црква и во која е веројатно крстен и самиот Делчев. На видеото јасно се виде црквата и како Белобрадова се движи кон неа.
Нејзиното видео и сентиментот во него, беа единствените сведоштва, единствените знамиња на победата на една одамна загубена илузија за слобода, демократија и рамноправност!