Успеавме да заштедиме 115 милони евра откако го добивме арбитражниот спор со дел од инвеститорите од рудникот Казан дол во Валандово, истакна на денешната прес конференција вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој е и претседател на координативното тело на Владата за арбитражни спорови.

“Државата беше тужена од страна на неколку инвеститори во рудникот Казан дол во Валандово. Нивното барање беше оштета од 115 милиони евра и можам со гордост да кажам како претседател на координативното арбитражно тело на Владата, дека овој случај го добивме. Сите 11 основи по кои што беше тужена државата се одбиени, и заштедени се 115 милиони евра, потенцијална оштета која што требаше државата да ја плати во овој случај” – истакна вицепремиерот Николоски.

Тој потенцираше дека претходната влада овој случај го затворила во 2023 година и истата се согласила државата да ја плати оштетат кон инвеститорите од 115 милиони евра.

“Морам да потенцирам дека случајот не беше лесен, имајќи предвид дека претходната Влада веќе го имаше затворено случајот со завршни зборови кои што се случиле на 18. јануари 2023 година. Но по доаѓањето на оваа Влада, ние побаравме случајот повторно да се отвори и истиот беше отворен на 28 јануари оваа година. Кога тужителите сфатија дека не им се добри работите, понудија спогодба со Владата на помала сума, таа варираше од 35-48 милиони евра. Ние таа спогодба ја одбивме, затоа што бевме убедени во нашите аргументи и тоа излезе точно, односно го добивме овој случај и Македонија нема да плати ниту евро во случајот “Казан дол”- потенцираше Николоски.

Тој изрази сомнеж дека арбитражните спорови во изминатите години се решавале на штета на државата.

“ Откако го предводам ова тело, во координација со премиерот Мицкоски и со членовите на Владата, доста активно работиме на отворените арбитражи против државата и би сакал да изразам сомнеж, затоа што немам повеќе од сомнеж во моментов! Дали овие арбитражни спорови против Македонија биле отворани само затоа што така мислеле инвеститорите или имало некаков договор со одредени членови во Владата и како тоа наеднаш успеваме ние да ги добиваме, а претходно беше убедувана јавноста дека истите ќе бидат изгубени” – се обрати вицепремиерот Николоски.

Текстот Го добивме арбитражниот спор со рудникот Казан дол и заштедивме 115 милиони евра е превземен од МАКФАКС.