Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се најде под оган откако изјави дека Европската Унија може да „продолжи да сонува“ за независност од Соединетите Американски Држави во безбедносните и одбранбените прашања.
Неговите коментари следеа по обидот на американскиот претседател Доналд Трамп да го одземе Гренланд од Данска, невиден потег што ја доведе трансатлантската алијанса, стара речиси 80 години, на работ на колапс. Тензиите се ублажени со договорот за безбедноста на Арктикот, чие склучување беше посредувано од Руте, пишува „Euronews“.
Руте: Само продолжете да сонувате
„Ќе го фалам претседателот Трамп кога ќе направи нешто добро и немам ништо против да ги објави нашите приватни пораки“, им рече Руте на претставниците на Европскиот парламент во понеделникот попладне, осврнувајќи се на објавувањето на нивните приватни комуникации од страна на Трамп.
„Ако некој овде, повторувам, мисли дека Европската Унија, или Европа како целина, може да се одбрани без САД, само продолжете да сонувате. Не можете. Ние не можеме. Ние сме потребни едни на други.“
Говорот на Руте во Парламентот брзо привлече внимание на социјалните мрежи, каде што корисниците масовно споделуваа снимки, а аналитичарите ги анализираа.
Како одговор, Паула Пињо, главната портпаролка на Европската комисија, рече дека политичкиот фокус треба да остане на тоа ЕУ да стане „сè поотпорна“ и „сè понезависна“ на „различни фронтови“, вклучувајќи ја безбедноста и одбраната.
„Можеме да се пофалиме со тоа како успеавме да ја намалиме нашата зависност од увозот на руски фосилни горива“, рече Пињо попладнево. „Ваквите зависности се видливи и во други области: во одбраната, во критичните суровини. Правиме сè што е потребно за да ја намалиме таа зависност и изложеност“, додаде таа.
Пињо се осврна на говорот од минатата недела на претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, во кој повика на поголема „европска независност“ како одговор на растечката геополитичка нестабилност и конфликт. Фон дер Лајен, исто така, најави нова безбедносна стратегија со посебен фокус на спорниот арктички регион.
„Всушност поврзуваме низа мерки со една цел“, продолжи Пињо. „Да се осигураме дека можеме да постигнеме таква постепена независност“.
Сепак, најострите критики кон Руте дојдоа од Франција, гласен поборник на концептот на „стратешка автономија“ и давајќи предност на европските производи на јавните тендери.
„Не, драги Марк Руте. Европејците можат и мора да ја преземат одговорноста за сопствената безбедност. Дури и Соединетите Американски Држави се согласуваат. Тоа е европскиот столб на НАТО“, рече францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро на својот Икс профил.
Натали Лоазо, истакната француска европратеничка која присуствуваше на состанокот на комитетот каде што зборуваше Руте, беше уште подиректна.
„Тоа беше засрамувачки момент“, напиша Лоазо на социјалните мрежи. „Руте мисли дека со тоа што ќе биде груб кон Европејците ќе се умилкува на Трамп. Не ни треба фанатикот на Трамп. НАТО треба да ја врати рамнотежата помеѓу американските и европските напори.“
Во меѓувреме, Шарл Мишел, поранешен претседател на Европскиот совет, му се потсмеваше на шефот на НАТО затоа што го нарече Трамп „тато“ за време на минатогодишниот конфликт меѓу Израел и Иран. Трамп подоцна го употреби терминот за да ги брани сопствените одлуки за надворешна политика.
„Драг Марк Руте, грешиш. Европа ќе се брани. А Доналд Трамп не ми е татко“, рече Мишел. „Иднината на Европа бара визија, храброст и лидерство. Не оставка, покорност и фатализам.“
Текстот Гнев во Европа поради изјавата на шефот на НАТО: „Срамно, не ни треба фанатик на Трамп“ е превземен од МАКФАКС.























