Пишува: Фатмир Битиќи

Влегуваме во период на постпандемиско закрепнување на економијата, меѓутоа ризиците и неизвесностите се сè уште овде, во делот на дистрибутивните синџири, ценовни скокови, финансиски нарушувања и геополитички тензии и конфликти. Овој глобален контекст, на кој и македонската економија е изложена, бара согледување на трендовите кои ни престојат до крајот на оваа декада, со основна цел да изградиме долгорочен трансформативен пристап во нашата економска структура и да ја направиме инклузивна за младите, одржлива и отпорна.

Обемот и длабочината на економската криза што ја предизвика пандемијата на ковид-19 не поштеди од проблеми ниту еден сегмент од националните економии во светот. Кога се зборува за пазарот на труд и неговата пропустливост за младите, за тоа што предизвика кризата зборува констатацијата на Меѓународната организација на трудот (МОТ) од јуни 2021 година, која вели „кризата длабоко го наруши образованието, обуката и вработувањето на младите луѓе, отежнувајќи им го наоѓањето на работа, успешната транзиција од образование и обука на работа, или започнување на бизнис и поставувајќи ризик од намалена траекторија на заработка и напредување во текот на нивниот век“. Отежнувања, нарушувања, ризици се главните категории кои ја одредуваат состојбата со глобалниот пазар на труд за младите, што укажува на атмосфера на неизвесност.

Превземено од Слободен печат