Центристичката коалициска влада на бугарскиот премиер Кирил Петков денеска вечер ќе се соочи со гласање за недоверба што го побара главната опозициска партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов. Таа ја обвинува владата за погрешни чекори во областа на јавните финансии и економската политика кои доведоа до галопирачка инфлација.

„Поднесовме барање за недоверба на владата поради нејзиниот неуспех во економската и фискалната политика“, изјави лидерката на партијата Десислава Атанасова, додавајќи дека ГЕРБ побара поддршка за предлогот од сите други политички групи во парламентот. Бугарскиот годишен индекс на потрошувачки цени забележа инфлација од 15,6 отсто во мај, соопшти националниот статистички институт, што е највисок пораст на потрошувачките цени од 2008 година наваму.

Премиерот Кирил Петков изјави дека е оптимист за опстанокот на владата која ја предводи. За да опстане владата на Кирил Петков мора да има 121 глас од 240. 42 годишниот Петков и неговата партија „Продолжуваме со промените“ беа избрани во минатата година врз основа на ветувања дека ќе ја искоренат корупцијата и ќе воведат длабоки реформи во најсиромашната земја-членка на Европската унија.

Тешката битка за брзи промени го зеде својот прв данок, бидејќи една од четирите партии во минатата недела се повлече од владејачката коалиција, оставајќи ја со 109 пратеници во Националното собрание со 240 места.

Лидерот на популистичката партија Има таков народ, Слави Трифонов, ги наведе несогласувањата со ревизијата на државниот буџет предложен од премиерот, обвинувајќи го дека ја води државата кон банкрот со подигање на нов долг.