Застојот во работата на Заедничката експертска македонско-бугарска историска комисија датира од октомври 2019 година со донесувањето на „Рамковната позиција“ на Бугарија за старт на преговорите со Северна Македонија, вели копретседателот од македонска страна на Заедничката историска комисија со Бугарија, Драги Ѓоргиев.
Ѓоргиев во изјава за ТВ Телма по одржувањето на 16. средба на Комисијата за историски прашања која заврши попладнево без успех, воедно, подвлекува и дека работата на Комисијата е апсолутно надвор од секакви политички влијанија.
– Застојот во работата на Комисијата настана во октомври 2019 година кога веќе почнаа да се усвојуваат разни декларации и рамковни позиции во Собранието пред се на Република Бугарија и кога Бугарија ја усвои рамковната позиција во однос на прашањето. Ние апсолутно се трудиме политиката да ја апстрахираме во нашата работа и сите дискусии кои се водат денес се во духот на академското разбирање на минатото. Ние работиме во еден политички контекст и не може да се избегне политичкиот контекст, меѓутоа, сепак, сакам да потврдам дека работата на Комсијата е апсолутно надвор од секакви политички влијанија и ние се трудиме да остане така, и досега, а и во понатамошната работа на Комисијата, вели историчарот Ѓоргиев.
Тој потврди дека на дводневниот состанок што се одржа онлајн, се разговарало за претставувањето на државата на цар Самоил во македонските учебници и дека не успеале да постигнат согласност да формулираат заедничка препорака за претствувањето на тој настан во учебниците.
– Разликата се состои во тоа што имаме различен пристап во претставувањето на настаните и личностите од средниот век. Тука имаме генерално многу различни пристапи, во однос на бугарските колеги и инсистирањето настаните од 10 и 11 век да се претстават во перцепција на апсолутна вистина дека постои само една вистина за тој настан и таа личност, од друга страна обидот да се претстави цар Самоил и неговото царвство во сите негови различни толкувања во светската историографија остануваат главен проблем во разидувањата на македонската и на бугарската комисија, рече Ѓоргиев.
Во однос на тоа што македонскиот тим настапи со еден член помалку, Ѓорѓиев рече дека надминувањето на тој проблем е во тек. – Ние работиме на тоа да се надополни Комисијата со еден член, меѓутоа денес апсолутно не беше тоа никаков хендикеп бидејќи и порано се случувало и бугарсклата и нашата комисија од одредени причини да работи без еден член.
Тој најави дека до следната средба ќе работат на тоа да инкорпирираат еден член во македонскиот тим од Комисијата.
Министертсвото за надворешни работи претходно соопшти дека 16. средба на Комисијата за историски прашања завршила без успех, и оти остануваат разликите во пристапот и разбирањето на улогата на историјата и историското образование во современите општества и градењето на добри односи ослободени од политизирање на историјата меѓу македонските и бугарските историчари.
– Пристапот кој се заснова на позитивните европски искуства и препораките на Советот на Европа и УНЕСКО остануваат основа во работата на македонската страната во Комисијата и од тука произлегуваат главните недоразбирања со колегите од Софија, кои остануваат на исклучивиот пристап кој е туѓ на современото разбирање на историското образование кое подразбира мултиперспективен и интердисциплинарен пристап, По исцрпна дискусија вториот ден покажа дека двете страни се сè уште далеку од решение кое би довело до подобрување на образовниот процес и остварување на заедничката цел градење добрососедски односи и пријателство во кое минатото и различните толкувања на историјата нема да бидат пречка, стои во соопштението од МНР.