Сработивме преку 50 проекти кои на директен начин ја подобрија функционалоста, транспарентноста и имиџот на општината. Одлучно и смело се зафативме со ставање ред во урбанистичкиот хаос кој се закануваше да го задуши ова место на живеење во еколошка, социјална, хумана смисла. Ова подразбираше ревизија, интензивирање на легализација на дивоградби, но и рушење онаму каде се пронајде криминал, соопшти денеска градоначалникот Орце Ѓорѓиевски по повод 100 дена раководење со Општина Кисела Вода.
Тој информира дека е подобрена комуналната инфраструктурата, реконструирани се повеќе улици, почна изградбата на фекална канализација на Речиште, се градат нови паркови на местото на дивитедепонии, еден парк е изграден во Драчево, а друг се гради во Расадник, темелно се реконструирани две детски игралишта, една училишна спортска сала е реновирана, а онаа во ОУ „Невена Георгиева – Дуња“ во моментот целосно се реконструира.
-Преку првиот дел од проектот „Стоп за урбаната мафија“, од заклучените фиоки ги извадивме сите важечки урбанистички планови, ги дигитализиравме и ги ставивме на увид на граѓаните. Стручна комисија ги презентираше првите резултати од утврдените неправилности, a во моментов на тендер бараме независна надворешна ревизорска куќа, која ќе даде свое, експертско толкување на урбанистичкото работење на претходното раководство на Општина Кисела Вода, нагласи Ѓорѓиевски.
Информира дека до Општината пристигнале преку 100 пријави за нерегуларности во донесените ДУП-ови. -Спречивме изградба на згради во зеленилото во Балаклија и на станбени објекти во Припор. Целосно го стопиравме предложениот ДУП за Расадник, во кој беа вцртани дури 99 згради. Нацрт-предлогот за Меѓународниот конкурс за Расадник кој го ветив, е јавно објавен на нашата веб-страница, како граѓаните би можеле да дадат свои забелешки. Со цел тој да биде стручно издржан, го доставивме и до стручната јавност- до Архитектонскиот факултет во Скопје, до Комората на властени архитекти и инженери и до Асоцијацијата на архитекти на Македонија, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој соопшти дека 490 семејства добија документ за легална сопственост и најави дека за една година ќе бидат затворени сите предмети. Почна кампањата „Моја земја, мој дом“, преку која со целосна логистичка поддршка од службите на Општина Кисела Вода, граѓаните сега можат да го откупат земјиштето под и околу легализираниот објект по цена од едно евро за квадратен метар.
-Заедно со Град Скопје поведовме постапка за експропријација на земјиште од деловни субјекти поради проширување на булеварот „Борис Трајковски“ до Драчево, рече градоначачникот. Додаде дека покрај подигнување на хигиената во општина Кисела Вода, чистење на дивите депонии, информира дека се гради нов парк и во Припор, на 4.000 квадратни метри. Усје, како што рече, го пошумивме со 1.200 аризонски чемпреси. Изграден е аркинг простор во населбата Драчево на површина од околу 3.500 квадратни метри и почната е изградба на простор за паркирање во Расадник.
Ѓорѓиевски информира дека архивата работи во две смени, а секој ден е приемен ден во Општина Кисела.– Ги скративме непродуктивните трошоци, средствата предвидени за репрезентација се користат за помош на граѓаните, службените возила се користат само за службени цели. Седниците на Советот ги направивме јавни, како уште еден чекор во подигнување на транспарентноста. Планот за распределба на финансиските средства го објавивме преку донесениот Буџет за 2022 година, а тука е и тригодишната развојна програма во која се опфатени сите проекти од мојата предизборна програма, рече Ѓорѓиевски.
Најави дека во Општина Кисела Вода ќе се отвори Противпожарна единица, која ќе ги опслужува жителите од централниот дел на општината, но, како што рече, ќе биде и од голема помош за жителите на Сопиште.