Евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир е оптимист дека во првата половина од годинава може да се очекува првата меѓувладина конференција меѓу С. Македонија и ЕУ со што ќе значи почеток на преговорите за полноправно членство.
Гир во интервју за МИА вели дека Португалија се обврза дека во нивното претседателство со ЕУ, стартувањето на преговорите со С Македонија ќе биде приоритетно прашање.
„Само да се навратиме на настаните од минатата година во март – историската одлука донесена од Европската Унија. Тоа значи дека 27 земји членки сите заедно се договорија за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија. Следниот чекор е усогласување на Преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, што всушност ќе го отпочне самиот процес на преговори. Тие разговори продолжуваат во Брисел и навистина португалското претседателство се обврза дека ќе го помогне и ќе го турка процесот. Во меѓувреме, она што е важно, е Северна Македонија, заедно со Бугарија, билатерално да се ангажираат во обид да изнајдат решение што е прифатливо за двете страни, коешто ќе овозможи ситуацијата да оди напред“, вели Гир
Тој вели дека има целосно разбирање што луѓето во земјава се чувствуваат фрустрирано и што се нетрпеливи да се движат напред, но исто така, нагласи дека за да се оди напред, потребен е ангажман за овие прашања.
„Многу примери има од минатото каде што со континуирано ангажирање работите се движат напред и јас сум голем оптимист“, додава Гир
Според него, две работи се неопходни – првата е Република Северна Македонија и Бугарија да продолжат да се ангажираат да ги решат своите прашања на билатерална основа и второ – во меѓувреме Владата тука да го имплементира и да го забрза реформскиот процес. Зошто тоа е важно – прво, поради тоа што е од најголема важност за граѓаните, но второ реформите, и реформите поврзани со ЕУ се најбрзиот начин да се приближите и да се приклучите кон европското семејство.