Гимназијалците од наставата на македонски јазик во Тетово, кои посетуваат настава во поранешниот објект на средното медицинско училиште, ја следат настава онлајн, бидејќи веќе втора недела училниците не се затоплуваат, објави Телма
Според родителите, на почетокот на минатата недела учениците дури и следеле часови во училниците без греење, по што наставниот кадар одлучил да се продолжи со онлајн настава.
Наставата која се изведува на македонски јазик се одвива во овие училници, додека наставата на албански е во централниот објект на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ на улицата „Браќа Миладинови“. Раководните лица на оваа образовна установа на новинарските прашања одговорија со најава дека ќе има греење, затоа што била нарачана нафта.
Од друга страна немаа одговор на прашањата зошто не е реагирано на време за да се не случи ваква состојба и да има прекин во греењето на училниците.
Паралелките од наставата по македонски јазик во рамки на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ веќе дваесет години учат во училници или простории во други објекти надвор од централниот објект. Неколку генерации со протести бараа да се реши просторниот проблем, а веќе пет години настава се следи во објектите кои порано беа медицинско училиште. Претходно настава се следеше на градскиот плоштад, во салата на Советот на Општина Тетово како и во основни училишта. Политички партии со години најавуваат нов објект во склоп на централната установа на гимназијата.