Протестите не се најдобриот начин на комуникација, Владата е отворена за постигнување на договор со сите синдикални организации преку дијалог, велат од Владата за протестите на дел од јавната администрација и барањето за поголеми примања.

„Жалиме што УПОЗ и покрај Економско-социјалниот совет како тело во кое што учествуваат и на кое што секогаш сме дискутирале за сите предизвици, одбраа да протестираат. Владата докажа и покажа дека е партнер на работниците, затоа потенцираме дека како Влада сме спремни да седнеме на маса и да ги разгледаме сите предлози од страна на синдикатите. Штрајкот како прво решение не е легитимен чекор и покажува политичка инструираност, наведуваат од Владата.

Оттаму посочуваат дека протестите се малициозни и политички мотивирани, платите не се високи, но и можностите на буџетот се лимитирани.

„Доколку УПОЗ вистински се грижи за платите на работниците, ги повикуваме на разговор се со цел вистинско изнаоѓање на решенијата. Во спротивно останува сомнежот дека УПОЗ е синдикална организација која обработува за нечии партиски интереси кои не мислат ништо друго освен собирање на ситни политички поени на грбот на граѓаните, соопштија од Владата.

Државната администрација од неколку министерства и денес излезе на получасовен протест со барање за 30 отсто поголема плата и потпишување колективен договор. Претседателот на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ), Трпе Деаноски денес пред Министерството за култура, ја замоли опозицијата да не се лепи на протестот, а на Владата и порача да не го меша УПОЗ со некој друг Синдикат.

Текстот Ги повикуваме на разговор доколку вистински се грижат за платите на вработените, во спротивно УПОЗ е синдикална организација која обработува за нечии партиски интереси, велат од Владата е превземен од МАКФАКС.