Речиси 2.000 неидентификувани дронови се забележани над Германија од почетокот на годината, според безбедносните извештаи што ги виделе Die Welt, Bild и Axel Springer Academy. Во заедничка истрага, овие медиуми воспоставија шема што поврзува голем број дронови со движењето на три брода поврзани со Русија, кои дејствуваат во Балтичкото и Северното Море.
Германските власти документираа 1.072 инциденти во кои беа вклучени 1.955 непознати дронови. Најчесто, тие летаа над воени локации на Бундесверот, полигони за обука на НАТО и критични инфраструктурни објекти. Анализата на податоците за поморскиот сообраќај покажа дека мал број бродови биле во непосредна близина на снимените летови и во истите часови кога биле пријавени инцидентите.
Еден пример се седумте дронови забележани на 16 мај во близина на товарниот брод Лауга, кој плови под руско знаме и е со екипаж целосно составен од руски државјани.
Кога бродот подоцна вплови во Белгија, властите го пребараа, но не пронајдоа ништо. Пред да влезе во германските води, Лауга се закотви во сириското пристаниште Тартус, каде што се наоѓа руската воена база, а потоа во Санкт Петербург, на терминал поврзан со државната нуклеарна корпорација Росат.
Според истрагата, Росатом поседува дронови со дострел до 200 километри, опремени со видео и термални камери. Тие официјално се користат за следење на операциите во Арктикот.
Другите два брода споменати во извештајот – HAV Snapper и HAV Dolphin – формално се во сопственост на норвешка компанија, но и двата биле сервисирани неколку пати во бродоградилиштето Прегоља во Калининград, Русија, а екипажот на бродот HAV Dolphin е составен исклучиво од руски државјани.
Големи групи беспилотни летала се забележани над Килскиот Залив во југозападниот дел на Балтикот, точно во времето кога споменатите бродови се движеле во таа област.
Безбедносните агенции чии документи ги користеа медиумите велат дека е малку веројатно дека беспилотните летала биле управувани од приватни лица: „Одредени околности укажуваат на софистицирана операција што бара значителни финансиски и логистички ресурси“.
Во повеќето случаи, операторите на беспилотни летала не се идентификувани. Европските разузнавачки претставници им потврдија на новинарите дека веруваат дека HAV Snapper и HAV Dolphin „многу веројатно работат во интерес на Русија“.
Германското министерство за внатрешни работи соопшти дека има „причина да се верува дека странски државни актери биле вклучени во некои од летовите на беспилотните летала“.
Неидентификувани беспилотни летала се забележани и постојано над воените инсталации и критичната инфраструктура во други европски земји, вклучувајќи ги Данска, Норвешка, Белгија и Холандија.
Текстот Германските разузнавачи истражуваа мистериозни дронови, трагите ги доведоа до три брода е превземен од МАКФАКС.






















