Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул предупреди дека Русија ќе остане закана за европската безбедност дури и доколку тековните преговори резултираат со мировен договор меѓу Киев и Москва.
„Владимир Путин го направи судирот со Западот водечки принцип на руската надворешна политика и создава можност за иден војен конфликт против НАТО“, изјави Вадефул за време на посетата на Летонија.
„За жал, ниту еден мировен договор со Украина нема да го промени тоа. Затоа мораме да инвестираме во зајакнување на отпорноста и безбедноста на источниот крил на НАТО“, рече тој, повикувајќи ги европските сојузници да ги зголемат одбранбените трошоци и инвестиции.
Шефот на германската дипломатија ја обвини Москва дека води „хибридна војна“ против Европа, наведувајќи оштетувања на подморски телекомуникациски и енергетски кабли во Балтичко Море, упади на дронови во европскиот воздушен простор и кампањи на дезинформации насочени кон демократските избори.
Тој ја потврди посветеноста на Германија кон безбедноста на своите сојузници во регионот и нагласи дека Берлин е подготвен да преземе посилна улога во европската безбедност и одбрана.
„Вие подобро од кој било знаете што значи да се биде под туѓа власт. Знаете што значи да се борите за слобода“, рече Вадефул.
„Веќе долго време ни укажувате дека треба да се чуваме од рускиот империјализам и неговата агресија, дека мораме да се подготвиме. Дозволете ми да ве уверам дека ве слушнавме и ве разбравме.“
Текстот Германскиот министер Вадефул: Русија ќе остане закана и по евентуален мир во Украина е превземен од МАКФАКС.























