Пратеникот на германскиот Бундестаг и известувач на либералната Слободна демократска партија (ФДП) за Западен Балкан, Томас Хакер, остро го отфрли тврдењето на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Германија ја поддржува Србија во отворањето на Кластерот 3, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.

Вучиќ го изјави тоа за време на неговата посета на Фрајберг во Саксонија.

„И оваа изјава го покажува тешкиот однос на Вучиќ кон вистината. Факт е дека Германија е против отворањето на оваа група преговарачки поглавја, што, со оглед на слабиот напредок на Србија за основните прашања, е единствената правилна одлука“, рече Хакер.

За време на заедничката прес-конференција со канцеларот Олаф Шолц, Вучиќ рече дека е „благодарен на Германија за нејзината поддршка за отворањето на Кластерот 3 и за поддршката на Србија на нејзиниот европски пат“. На истата конференција, коментирајќи го пристапниот процес на земјите од Западен Балкан во Европската унија, Шолц не го спомена отворањето на Кластерите, но рече дека на патот кон пристапувањето треба да се земат предвид многу работи.

„Ние секако ќе поддржиме колку што можеме затоа што тоа се реформи за подобрување на владеењето на правото, слободата на медиумите итн. Се разбира, важно е луѓето во регионот да одржуваат добрососедски односи, а тоа се однесува пред се на односите меѓу Србија и Косово. Работиме да обезбедиме поддршка за двете страни. Има договор кој е договорен и кој мора да се исполни“, додаде Шолц.