Пратеникот на владејачката ЦСУ во Бундестагот, Тобијас Цех поднесе оставка на функцијата откако беше откриено дека лобирал за поранешниот македонски премиер Никола Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година, објави „Дојче Веле“. Како што се вели во текстот, кога во екот на политичката криза во Македонија во 2016 година, тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и експремиер Никола Груевски продефилира во посета на Берлин, многумина беа збунети, па и шокирани. Токму официјален Берлин тогаш беше најжестокиот критичар на неговиот режим, но тоа не го спречи Груевски во септември и во ноември 2016 година, најпрво во Берлин да се сретне со тогашниот сојузен министер за економска соработка Герд Милер, а потоа и со (актуелниот министер за внатрешни работи) Хорст Зехофер во Минхен, како и со други високо рангирани политичари. Сите од ред членови на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), сестринска партија на ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел.
Денес, четири ипол години подоцна, истражување на германскиот магазин Шпигел открива и зошто се случиле тие средби. Биле организирани од тогашниот и сега веќе бившиот пратеник на ЦСУ, Тобијас Цех, кој за тоа на ВМРО-ДПМНЕ му наплатил околу 50 илјади евра.