Германски научници од Хамбур со помош на радар без директен контакт, можат да детектираат мозочен или срцев удар во рана фаза. А со тоа може да се предвиди и смрт кај тешко болните луѓе.
Идејата на професорот Александар Келпин од Техничкиот универзитет во Хамбур е неверојатно едноставна. Ако со помош на радарот може да се утврди позицијата на бродот, да се пресмета висината на која лета авионот и да се измери прекумерната брзина на возило на автопат, тогаш оваа бесконтактна техника може да се користи и во медицината.
„Радарските сензори имаат голем потенцијал да ги направат медицинските тестови поудобни, побезбедни и поефикасни“, смета професорот Келпин.
Оваа идеја не е нова, но Келпин и неговиот истражувачки тим се првите во Европа кои развиваат радарска технологија во медицината.
Овој тим разви сензорска технологија за медицински моноторинг на пациентите, со што ќе може континуирано да се анализираат и отчукувањата на срцето и дишењето и тоа без директен контакт.
Медицински преглед без контакт
Кај класичниот „ЕКГ“ преглед, срцевиот ритам се мери со употреба на електроди и кабли кои го поврзуваат пациентот со уредот. Но, со радарската технологија, ова се прави без допир и на растојание.
Радарските сензори развиени од професорот Келпин, можат да ги мерат отчукувањата на срцето и дишењето преку облека и покривка, пишува „DW“.
„Нашите сензори испраќаат електромагнетни бранови кои се рефлектираат од телото. Во пракса, тоа отприлика функционира вака: крвта која ја пумпа срцето, тече низ крвните садови во пулсирачки бран, создавајќи вибрации на површината на телото. Тие вибрации можеме да ги измериме со сензори и врз основа на тоа може да се утврдат многу медицински аспекти на васкуларниот систем“, вели тој.
Мерење на пулсот
Една мала кутија е монтирана под креветот. Кога срцето пумпа крв низ вените, површината на кожата минимално пулсира. Така може да се измери пулсот дури и со држење на прстот на зглобот на раката. Ова минимално пулсирање на кожата, новиот радар може да го анализира со мерење од далечина.
Сензорите се толку прецизни што ги мерат отчукувањата на срцето, срцевиот ритам и пулс, со што може да се открие запушување на вените, а со тоа и ризик од мозочен удар.
Ако срцето не чука правилно, новиот уред сигнализира со аларм. Така, многу порано можат да се преземат мерките за спасување на животот на пациентот.
Епилепсија кај новороденчиња
Овој истражувачки проект првично се фокусира на медицинско набљудување на новороденчиња и предвремено родени бебиња.
„Пред сè, ние се концентрираме на епилептичните напади. Се претпоставува дека неоткриената епилепсија кај новороденчиња е одговорна за ненајдејна смрт во околу 20% од случаите. Проблемот е во тоа што овие напади кај најмалите честопати не се дијагностицираат бидејќи до тогаш децата не покажале никакви сингали“, објаснува професорот Келпин.
Со помош на бесконтактното мерење со сензори, децата се набљудуваат постојано и без ограничувања. Така, нападот може да се откие доволно рано за да може да се третира.
Можна примерна и кај пациентите со ковид-19
Оваа техника може да се користи и во борбата против коронавирусите, смета Келпин.
„Со мерење на срцевиот ритам и дишењето, може да се утврди и телесната температура без контакт, а со тоа и важни параметри за анализа на здравствената состојба и откривање на можна инфекција на коронавирус“, вели тој.
Така, заразените лица можат да бидат прегледани без директен контакт, што го намалува ризикот од пренесување на инфекцијата на медицинскиот персонал.
Предвидување смрт
Засега, овој нов радар се користи само на клиниката Ерланген во одделот палијативно лечење каде се сместени болните со неизлечива или многу сложена болест. Со помош на новиот радар може да се утрди претстојната смрт четири дена порано.