Германија го отфрли предлогот на еврокомесарот за безбедност и надворешна политика, Жозеп Борел, за прекин на политичкиот дијалог со Израел, наведувајќи го како причина евентуалното кршење на човековите права во Газа.

„Прекинувањето на дијалогот со Израел не е од корист за луѓето кои страдаат во Појасот Газа, за заложниците на Хамас, ниту за луѓето во Израел кои се подготвени за дијалог“, се вели во соопштението на германското Министерство за надворешни работи во Берлин.

Берлин рече дека Советот за асоцијација ЕУ-Израел создава „соодветна рамка“ за да разговара со израелската влада за придржувањето кон принципите на меѓународното хуманитарно право.

„Ние сме за одржување на отворени каналите за комуникација. Во секој случај, тоа важи и за Израел“, се вели во соопштението на МНР.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок реагираше и на претходните предлози на Жозеп Борел да ги стави екстремните израелски министри Безалел Смотрич и Итамар Бен-Гвир на листата на санкции на Европската унија.

„Ако одделни израелски министри го доведуваат во прашање правото на Палестинците да постојат, тоа мора да биде санкционирано на ниво на ЕУ“, изјави Баербок за јавниот радиодифузен сервис ZDF.

Борел повика на прекин на дијалогот по долгогодишното одбивање на Израел да разговара за хуманитарната ситуација во Појасот Газа на Советот за асоцијација.

Во писмото испратено до министрите за надворешни работи на ЕУ во средата, пред нивниот состанок во понеделникот, Борел изрази „сериозна загриженост за можни прекршувања на меѓународното хуманитарно право во Газа“ и рече дека „Израел досега не одговорил доволно на овие грижи“.

За суспензијата ќе биде потребно одобрение од сите 27 земји на ЕУ, што се смета за неверојатно меѓу дипломатите.

Според дипломатски извори, како што пренесуваат светските медиуми, предлогот на Борел има за цел да испрати силен сигнал за загриженост поради однесувањето на Израел во војната.

Текстот Германија го одби предлогот на шефот на дипломатијата на ЕУ за прекин на дијалогот со Израел е превземен од МАКФАКС.