Европската унија од 2025 година треба да ги добие силите за брза воена реакција, а германските војници треба да го сочинуваат столбот на оваа единица, е договорено на состанокот на министрите за одбрана и за надворешни работи на Европската унија.
-Сега е важно да испратиме сигнал дека сме тука еден за друг доколку е потребно, изјави германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт на маргините на денешниот состанок во Брисел.
Таа нагласи дека германските војници ќе го сочинуваат столбот на новата воена формација.
Единицата треба да брои до 5.000 војници и треба да биде формирана до 2025 година. Тоа е дел од поширокиот безбедносен концепт што го договорија земјите-членки на состанокот во Брисел.
Концептот уште пред неколку години го иницираше Германија, но по рускиот напад врз Украина, како што се дознава од дипломатските кругови, тој е преработен уште еднаш.
Ламбрехт оваа Единица за брза реакција ја нарече „јадрото“ на новиот концепт, нагласувајќи дека моментално се истражуваат опциите за усогласување на можностите на трупите на НАТО со новоформираната единица со цел да се „максимизираат перформансите“.
Новиот безбедносен концепт треба да го замени претходниот таканаречен Бателгруп концепт со две единици со по 1.500 војници. Во последно време имаше проблеми со недоволниот број војници за овие единици.