Бесплатното тестирање за целото население беше воведено во март, но сега има повици парите на даночните обврзници да престанат да се распределуваат за оние што не се вакцинирани. Сепак, оние што не можат да се вакцинираат од здравствени причини ќе имаат право на бесплатен тест за ковид
Германија размислува за укинување на бесплатните тестови за ковид-19 во октомври, објавија во понеделникот медиумите од групата РНД, повикувајќи се на нацрт-предлог за кој канцеларката Ангела Меркел ќе разговара со лидерите на 16-те сојузни држави.

Германската влада воведе бесплатно тестирање за целото население во март, пред крајот на третиот бран на ковид-19 во државата.

Во моментов 55 проценти од германското население е вакцинирано, така што има повици парите на даночните обврзници да престанат да се распределуваат за оние што не се вакцинирани, иако вакцината е достапна за секого, пренесува Ројтерс.

-Со оглед на тоа што вакцинацијата е достапна за сите жители, федералната влада, а со тоа и даночните обврзници, повеќе не е оправдано да ги плаќаат трошоците за сите тестови, го цитираше нацрт-предлогот РНД.

Помалку од седум недели пред парламентарните избори, Меркел и сојузните лидери ќе разговараат за мерките за спречување на ширењето на делта-сојот на вирусот, без повторно воведување карантин на државно ниво.

Нацрт-предлогот предвидува дека оние што не можат да се вакцинираат од здравствени причини, сепак, имаат право на бесплатен тест.

Германија има повеќе од 3 000 нови инфекции секој ден во изминатите 5 дена, но речиси 63 проценти од германското население е вакцинирано со барем една доза, така што владата се надева дека ќе избегне нов карантин.