Експертскиот панел на германската влада за вакцинацијата препорача вакцината на АстраЗенека против коронавирусот, на почетокот, да им се дава само на лица на возраст меѓу 18 и 64 години, пренесува Дојче Веле.
Податоците се изнесени од германскиот комитет за вакцинација при институтот Роберт Кох (РКИ) од каде соопштиле дека досега добиените податоци не се доволни за да се препорача користење на вакцината на АстраЗенека кај постарите пациенти.
– Advertisement –
Во меѓувреме, АстраЗенека и британскиот премиер Борис Џонсон возвратија на наодите на РКИ. Во својата реакција Џонсон го изразил своето несогласување со германската проценка на вакцините, а портпарол на компанијата, чие седиште е во Велика Британија, рекол дека најновите податоци од клиничките испитувања покажеле дека таа е ефикасна и кај возрасната група над 65 години.
Очекувањата се дека Европската медицинска агенција би можело уште денеска да издаде одобрение за употреба на таа вакцина во ЕУ.
Британско-шведската вакцина, која веќе се користи во Велика Британија, се најде во центарот на спорот меѓу компанијата и ЕУ поради застојот во трансферот на вакцините.
Доколку се одложи вакцинирањето на лицата над 65 години со оваа вакцина, тоа ќе значи дополнителен удар за германските власти кои и онака се соочуваат со недостаток на вакцини. Германските граѓани досега се вакцинираа со дози на Фајзер и Модерна.