Во Германија како дел од мерките за заштеда на гас, се рестартира првата термоцентрала на јаглен, која веќе беше исклучена, јавува Федералната агенција за мрежна инфраструктура.

Advertisements

Електраната Мехрум во Долна Саксонија, во сопственост на чешкиот концерн ЕПХ, е првата електрана што е реактивирана откако федералната влада ги усвои законските измени во средината на јули, кои овозможуваат повторно активирање на веќе затворените електрани на јаглен и нафта од страна на крајот на следната година кога се очекува да постигне висок степен на независност од гасот од Русија.
Електраната Мехрум престана со работа во декември минатата година и е дел од т.н енергетски резерви кои можат да се активираат во случај на итност.

Според раководството на оваа електрана со моќност од 690 мегавати, производството на струја може да започне „во секој момент“.
Целта на враќањето на електраните на јаглен е да се намали потрошувачката на гас. Министерот за финансии Кристијан Линднер (Либерално-демократска партија ФДП) смета дека гасот мора да се штеди за потребите на домаќинствата и индустријата во претстојната зима, наместо за производство на електрична енергија.

„ Не смееме да дозволиме гасната криза да се претвори во криза за снабдување со електрична енергија“, рече Линднер за време на викендот. Тој, како и демохристијанската опозиција, бараат и одржување на преостанатите три нуклеарни централи во функција.

Министерот за економија и енергетика Роберт Хабек смета дека во производството на електрична енергија треба да се откаже од гасот „секаде каде што е можно“.

Во 2018 година, како дел од долгорочната борба против климатските промени, последната влада одлучи целосно да го напушти јагленот како извор на енергија најдоцна до 2038 година.

Пуштање во употреба на нивните централи најавија и компаниите кои стопанисуваат со други електрани на јаглен.

Според проценките на аналитичарите, вреди енергетските компании да ги рестартираат електраните поради високата цена на струјата и доволно количество јаглен на светскиот пазар./makfax