Германската Влада денеска соопшти дека ја прекинува употребата на вакцината против коронавирусот на АстраЗенека поради случаи на појава на згрутчување на крвта.
Германското Министерство за здравство во соопштението наведува дека одлуката ја донело од „претпазливост“ и по совет на националниот регулатор за вакцини.
Во соопштението се додава дека Европската агенција за лекови ќе донесе одлука „дали и како новите информации ќе влијаат на одобрувањето на вакцината“.
Според Министерството, случаи на згрутчување на крвта биле пријавени по примањето на вакцината, но не дало повеќе информации.
Неколку европски земји времено ја прекинаа вакцинацијата со АстраЗенека.
Компанијата АстраЗенека соопшти дека нема причина за загриженост поради нејзината вакцина и дека има помалку пријавени случаи на тромбоза кај оние кои ја примиле инјекцијата отколку кај општата популација.