По жестока дебата, Бундестагот денеска го отфрли предлог-законот на Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ за намалување на приливот на мигранти.
„Законот не помина и тоа го прифаќам со жалење. Пропадна поради отпорот на социјалдемократите и зелените“, изјави претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и кандидатот за канцелар на ЦДУ/ЦСУ, Фридрих Мерц по гласање во Бундестагот.
Тој додаде дека се обидел да ги убеди претставниците на актуелната социјалдемократска-зелена малцинска влада да го поддржат неговиот предлог-закон со кој ќе се ограничи приливот на мигранти во Германија, но тие одбиле.
„Миграционата политика на социјалдемократите и зелените дефинитивно пропадна“, коментира Мерц.
Одлуката на Фридрих Мерц да го протурка гласањето за законот предизвика бура од контроверзии во германската политика, бидејќи се чинеше веројатно дека Мерц ќе мора да се потпре на поддршката на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) за усвојување на законот.
Претставниците на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и Партијата на зелените претходно се обидоа да го одложат денешното гласање со цел да се создаде можност за компромис што ќе овозможи усвојување на законот без гласовите на десничарската популистичка АфД.