Германскиот сојузен завод за статистика ги објави резултатите од истражувањето според кое просечната потрошувачка на родителите за одгледување дете до 18 години е околу 150.000 евра.
До шест години месечните трошоци се околу 587 евра на месечно ниво, а во нив се вклучени храна, пелени, играчки, сместување и облека, а не е вклучена почетната опрема за бебиња која чини околу 3.000 евра, како и можните трошоци за нега, објавија германските медиуми.
Место во градинка чини околу 400 евра, но сумата варира од регион до регион.
Од запишување на училиште до 12 години, се финансираат патувања за одмор, хоби и училишни излети, како и роденденски прослави. Паметните телефони, таблетите и компјутерите, заедно со свесноста за брендот, стануваат се поизразени кај децата, а тоа има своја цена.
Оттука, еден ученик ги чини родителите околу 686 евра месечно, што исто така не вклучува годишен одмор, нега, хоби и слично.
Од 12 до 18 години трошоците повторно се зголемуваат на 784 евра по дете месечно.