Општина Центар информира дека во матичниот објект на ЈОУДГ „13 Ноември“ во тек е реновирање на „Новиот дел“ кој ги опфаќа просторот јасли и долниот кат. Во моментов, се врши молерисување на ѕидовите, а веќе е завршено стругањето и лакирањето на паркетот во занималните и ходниците.
„Молерисувањето ги опфаќа и скалите, влезот, канцелариите, тријажниот простор и чајната кујна. По завршување на оваа фаза, ќе продолжи стругањето и лакирањето и на „стариот дел“ од објектот, каде молерисувањето беше изведено во претходната година. Условите во градинките мора да бидат одраз на грижата што ја имаме кон најмладите. Затоа, вложуваме континуирано во безбедна, функционална и топла средина каде што децата растат среќни, а вработените имаат подобри услови за работа”, потенцира градоначалникот Горан Герасимовски.
Дополнително, реализирана е набавка на нов мебел за занималните во Матичниот објект, како и набавка на три нови клима-уреди кои ќе бидат монтирани во просториите каде што е најнеопходно.
Во главната кујна на Матичниот објект инсталирана е нова конвекциска печка (со шест нивоа), со што се овозможува побрза и поефикасна подготовка на храна, известува Општината.
Герасимовски, истакнува и дека со цел да се поддржи воспитно-образовниот процес, набавени се наставно-образовни и дидактички материјали според Монтесори програмата, како и игровен материјал за децата од групата јасли.
Овие активности се дел од посветеноста на Општина Центар за континуирано унапредување на условите во детските градинки, се додава во соопштението на Општината.
Текстот Герасимовски: Во тек е реновирање на градинката „13 Ноември“, подобрени условите во сите градинки е превземен од МАКФАКС.