„Солидарноста не смее да се активира само кога ќе се случи трагедија. Таа треба да биде дел од нашето секојдневие“, истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на трибината „По солидарноста не препознаваат“, организирана од Здружението за заштита на правата на граѓаните „Човекот над профитот“.

Герасимовски потенцираше дека Општина Центар е постојано присутна таму каде што помошта е најпотребна.

„Вложуваме во проекти што ја зајакнуваат меѓусебната поддршка и градат хумана заедница, било преку финансиска поддршка за семејства со новороденчиња, бесплатен престој во градинки за деца на самохрани родители и децата од ромската популација, помош за лица од социјално загрозени семејства, или за пензионери и граѓани со тешки болести. „Итно копче“ и „Центар се грижи за возрасните“ се токму такви проекти наменети за нашите сениори кои се сами и фрагилни. Солидарноста не е кампања, таа е начин на живеење“, рече Герасимовски.

На трибината посветена на Европската недела на солидарноста тој истакна дека оваа година, за првпат е објавен јавен повик за финансиска поддршка на проекти кои нудат социјални услуги за ранливи категории граѓани.
Дополнително, општината континуирано организира хуманитарни настани на кои се собираат финасиски средства за оние на кои тоа им е најпотребно.

„Во рамките на Европската недела на солидарност, Општина Центар заедно со Црвениот крст организира акција за собирање донации за социјално загрозени семејства преку детските градинки, со вклучување на родителите, нагласи Герасимовски.