Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со младите и Првиот скопски извиднички одред, денеска на една од најфреквентните сообраќајници во Центар , улицата Партизанска, ја реализираше акцијата „Совесен возач“, за подигнување на свеста за совесно и одговорно возење, како и за информирање на граѓаните за можноста за аплицирање за субвенции за полагање на возачки испит.

На возачите кои застануваа на семафорите им беа давани флаери и промотивен материјал со пораки за безбедно возење и со информации за јавниот повик за субвенции што е во тек.

„Ги повикувам младите да аплицираат на повикот што го распиша Општина Центар за субвенции за полагање на возачки испит. Возењето автомобил без возачка дозвола е ризик за сите учесници во сообраќајот. Затоа, како општина, со субвенција од 10.000 денари ги поттикнуваме младите да се пријават, да поминат стручна обука и на законски начин да се вклучат во сообраќајот. Безбедноста на улиците е наш приоритет!“, порача Герасимовски.

Право на субвенција имаат сите млади кои во текот на 2025 година ќе наполнат 18 години, односно се родени во 2007 година и се жители на Општина Центар најмалку една година. Субвенцијата од 10.000 денари може да се искористи исклучиво за полагање возачки испит во автошколи регистрирани на територијата на Општина Центар, информираат од општината.

Текстот Герасимовски со младите на Центар, во кампања за совесно возење и промоција на субвенции за возачки дозволи е превземен од МАКФАКС.