Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денес одржа работна средба со директорите на основните училишта и градинките, на која беа договорени конкретни активности за одржување на хигиената во образовните установи на највисоко ниво.
Договорено е во текот на викендот да се спроведе повторна дератизација, откако веќе имаше една пред изборниот процес. Веднаш потоа ќе следат дезинсекција и дезинфекција на сите училишни и предучилишните објекти.
„Ова што денеска го договоривме се реализира согласно усвоените кризни мерки на Општина Центар за справување со потенцијални епидемии, заразни болести и појава на глодари опасни по здравјето, а во рамки на актуелната состојба со сметот“ посочи Герасимовски.
Планот, освен дератизација, предвидува темелна дезинфекција и дезинсекција на сите простории каде се учи и престојува, вклучувајќи подови, ѕидови и мебел. Ќе се користат сертифицирани и безбедни препарати, согласно упатствата и стандардите за заштита на здравјето на децата и вработените.
Активностите за чистење на воспитно-образовните установи се преземаат во рамки на заштита на здравјето и безбедноста на децата и персоналот, особено во услови на еколошки и здравствени предизвици и појава на глодари, информираат од општината.
Герасимовски истакна дека општината ќе продолжи со редовно следење на состојбата и континуирана соработка со директорите, со цел да се обезбедат хигиенски услови во средини каде престојуваат вработените и децата.
Текстот Герасимовски: Со директорите на училиштата и градинките договоривме конкретни мерки, дератизација, дезинсекција и дезинфекција на сите училишни објекти е превземен од МАКФАКС.























