Горан Герасимовски, кандидат за градоначалник на општина Центар од СДСМ и Коалицијата присуствуваше на презентацијата на планот на Град Скопје и градоначалникот Петре Шилегов кој се однесува за сите општини и кој има за цел да ги задржи младите во Скопје и да создаде услови за квалитетен живот на сегашните и идните генерации.
Под водство на градот Скопје и Петре Шилегов во следниот мандат на локалната власт Градот Скопје ќе го субвенционира згрижувањето на децата во државните градинки преку покривање на максимум 50% од месечниот трошок. Преку оваа мерка семејствата со едно дете во градинка ќе можат да заштедат до 150 евра годишно и двојно или тројно оние кои имаат две или три деца во градинка.
За 50% поевтин оброк ќе добијат сите ученици од државните основни училишта со што родителите ќе заштедат до 200 евра годишно во семејниот буџет, пресметувајќи ја сумата од 2000 денари месечен трошок за оваа намена.
Градот Скопје ќе го помогне и процесот на биомедицинско потпомогнато оплодување преку финансиска поддршка на паровите односно ќе го дополни семејниот буџет за дополнителните трошоци што не се признаени со основните поволности на ФЗОМ после третиот обид за бременост.
Преку градскиот план, бесплатниот превоз покрај пензионерите, средношколците и студентите отсега ќе ги опфати и сите оние кои сакаат да продолжат со образованието во главниот град односно постдипломците и докторандите. Дополнително градот обезбедува и 100 месечни стипендии во висина од 12.000 денари за најдобрите средношколци од средните училишта на Град Скопје кои ќе се запишат на некој од државните универзитети. Цента на оваа мерка е поттикнување на младите да вложуваат во себе и олеснување на финансискиот товар на семејствата.
Секој средношколец од државните училишта ќе добива бесплатно овошје за време на училишниот престој како поттик за стекнување на здрави навики кај младите луѓе.
Преку овој пакет мерки, СДСМ инвестира во квалитетот на живот на сите нас. СДСМ е партија за граѓаните затоа вложува во иднина и среќата за идните родители и сите семејства во градот.