Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, на денешната прес-конференција информираше дека усвоениот буџет за 2026 година е највисок досега и изнесува 1.217.450.000 денари, при што 43 проценти од вкупните средства се наменети за капитални проекти, предвидени во неговата програма за втор мандат.
„Во наредниот период се фокусираме на конкретни и трајни решенија за граѓаните. Инвестираме во дом за стари лица, нова детска градинка, граѓанско-административна зграда и инфраструктура за пофункционален Центар“, рече Герасимовски.
„Планирани се и значајни инвестиции во уличната инфраструктура, реконструкција и уредување на јавни површини, како што е потегот од Зелено пазарче до улица Македонија, но и изградбата на нова катна гаража во Буњаковец, со капацитет од околу 250 возила.
Се предвидуваат и значителни вложувања во зеленилото, а од септември 2026 година се воведува бесплатен оброк за учениците во целодневната настава, како директна поддршка за семејствата во Центар.
Зголемени се средствата за социјална заштита, во делот на поддршката на пензионерите и семејствата. За социјално загрозените пензионери се дуплира еднократната парична помош, додека еднократната поддршка за новороденче се зголемува од 7.000 на 10.000 денари.
Општина Центар и во 2026 останува посветена на подобрување на квалитетот и условите за живот на своите жители“, се додава во соопштението од Општината
Текстот Герасимовски: Рекорден буџет и големи капитални вложувања за Центар во 2026 е превземен од МАКФАКС.























