Општина Центар доби шест куќички-засолништа за бездомни животни како донација од Амбасадата на САД. Куќичките, изработени од локални архитекти, се поставени во Паркот на Франкофонијата во рамки на проектот „Унапредување на благосостојбата на животните преку волонтерство“, соопштија од општината.
Проектот, како што велат, има за цел подобрување на условите за бездомните животни и поттикнување на инклузивноста во јавните простори.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски вели дека ова е пример за вистинска соработка помеѓу граѓанскиот сектор, меѓународната заедница и локалната самоуправа.
„Благодарни сме на Амбасадата на САД за поддршката, како и на организацијата Хумани градови за иницијативата и за тоа што ја препознаа Општина Центар како партнер за реализација на овој хуман проект. Оваа донација е поттик и обврска да продолжиме со политики што ја промовираат грижата за животната средина и за сите живи суштества што делат простор со нас”, рече Герасимовски.
Со поставувањето на засолништата, според него, Паркот на Франкофонијата добива нова, хумана димензија, простор за заштита на животните и пример за одговорно и инклузивно уредување на јавните површини.
Текстот Герасимовски: Поставени шест куќи засолништа за бездомни животни во Паркот на Франкофонијата е превземен од МАКФАКС.