Градоначалникот Горан Герасимовски вчера беше говорник на панел-дискусија ,,За посигурна иднина на животните: Законски промени сега!” организирана од Либерален институт – Скопје. На панел-дискусијата се разговараше за потребата од итни и системски решенија кои ќе овозможат подобра заштита и грижа за животните.
„Општина Центар активно ја имплементира политиката „Залови – Стерилизирај, Вакцинирај, Врати“ во соработка со ЈП „Лајка“, со годишен буџет од 2 милиони денари. Признаваме дека е потребен дополнителен ангажман за да се зголеми ефикасноста на оваа политика, а токму затоа планираме нови активности. Проблемот е на ниво на Град Скопје и сите скопски општини. За да имаме целосно решение, потребна е пообемна стерилизација. Не велам дека ова целосно ќе го реши проблемот. И понатаму ќе има бездомни кучиња, но сигурно ќе се намали нивниот број.
Сите општини треба навремено да ги подмируваат трошоците кон ЈП „Лајка“. Граѓаните имаат право да знаат зошто плаќаат и што добиваат за тоа што го плаќаат. Колку кучиња се заловени? Колку се вакцинирани? Како се третирани? Бараме конкретни статистики за да видиме што сме добиле за парите што ги вложуваме, особено кога некои општини не плаќаат, а други го носат целиот товар” изјави Герасимовски.
Во подготовка е програма за субвенционирање на стерилизација на домашни миленици, по примерот на успешната пракса од Општина Гази Баба. Преку оваа програма, ќе им се овозможи на сопствениците на миленици полесен пристап до стерилизација, со што директно ќе се влијае врз намалување на бројот на бездомни животни – најчесто последица од неодговорно сопствеништво.
Стерилизацијата не само што придонесува за контрола на популацијата, туку и го намалува ризикот од агресивно однесување кај животните.
Општина Центар работи и на координирани активности со соседните општини за справување со проблемот на глутници бездомни кучиња кои се пренесуваат од една општина во друга. Заеднички акции и образовни кампањи ќе бидат клучни за долгорочно и одржливо решение.
,,За да дојдеме до вистинско решение, мора сите да бидеме совесни како градоначалници на сите 10 скопски општини и редовно да го покриваме трошокот кон ЈП „Лајка“. Дополнително, ја отворивме темата и во рамки на Скопскиот плански регион, каде што разговараме за потребата од зголемен број стационари и други системски решенија. Не смее да се случува, како што веќе беше спомнато, кучиња од една општина што не ги третира проблемите, да завршуваат во друга. Тоа не е решение, само го префрламе проблемот од една на друга општина. Очекуваме позитивен одзив од граѓаните, затоа ги охрабруваме сите сопственици на миленици да се вклучат и да придонесат кон похумано и побезбедно урбано живеење”, истакна Герасимовски.