Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, утрово присуствуваше на класен час во ООУ „Коле Неделковски“ кадешто се водеше дискусија со учениците за важни теми како што се врсничко насилство (булинг) и ментално здравје. Посетата на Герасимовски беше во рамки на препораките коишто неодамна беа прифатени од сите основни училишта во Центар за поквалитетна настава во образовниот процес, што вклучува забрана за употреба на мобилни телефони на учениците за време на наставата.

На класниот час, градоначалникот Герасимовски, наставниците и учениците истакнаа дека врсничкото насилство и менталното здравје се важни во развојот, за создавање свест кај младите и треба да бидат дел од образовниот процес, затоа што создаваат безбедно опкружување за децата.

„Ваквите разговори ќе помогнат да се препознаат знаците на насилство, особено меѓу децата, како да се справуваат со стресот и емоционалните проблеми, но и како да им помогнат на своите другарчиња, соученици. Врсничкото насилство и проблемите со менталното здравје не смееме да ги занемариме, затоа што кога учениците се чувствуваат под притисок, било да се работи за вербално или физичко насилство, или пак за лични емоционални предизвици, тоа може сериозно да влијае врз нивното учење. Мораме да им овозможиме безбедна средина кадешто ќе растат здраво и среќно. Ги повикувам сите општини во државата да го следат овој пример, да создадеме училишни простори кадешто децата меѓусебе ќе се поддржуваат и ќе си помагаат, а ние ќе бидеме сигурни дека сме ги истуркале на вистинскиот пат – низ вредностите на почитување, емпатија и поддршка“, вели Герасимовски.

Одличен е одѕивот од страна на родителите и педагозите за оваа мерка, затоа што им се овозможува на учениците да растат во средина кадешто ќе ја градат самодовербата, но и ќе се подготват за здрав и успешен развој, известува општината.

Текстот Герасимовски на класен час со учениците разговараше за булинг и ментално здравје е превземен од МАКФАКС.