-Гледајќи ги самите резултати, самиот изборен циклус, треба да пофалиме дека имавме многу демократски, еден од најдемократските изборни процеси посебно во Општина Центар, кажа кандидатот за градоначалник на СДСМ, Горан Герасимовски, во гостувањето на Канал 5 телевизија. Тој додаде дека се поминало во најдобар ред, но дека постојат две причини зошто резултатите не довеле до подобар исход за партијата.
-Прва причина би ја наброил – голем дел од гласачите гласаа за помалите политички партии како и за независните листи, што е за поздравување. Центар е лулка на демократија затоа што има луѓе што размислуваат различно, рече Герасимовски.
Тој нагласи дека е добро и здраво за демократијата што постои различно мислење кај граѓаните.
-Втората причина зашто се овие резултати е поради тоа што имаше одреден број на незадоволни наши членови, симпатизери и гласачи кои за жал не излегоа во првиот круг поради одредени локални и централни политики. Затоа сум јас тука како ново лице, нов кандидат да спроведам што подобри политики заедно со граѓаните во интерес на сите нас центарци, за Центар да биде најубава општина и пример за сите останати во Скопје, рече Герасимовски.
Тој изрази увереност дека во вториот круг ќе се приклучат и незадоволните членови поради тоа што неговата програма изминативе три недели е целосно презентирана, нуди решенија за сите проблеми со кои се соочуваат граѓаните и вети дека чесно и одговорно заедно со граѓаните ќе се решаваат сите проблеми.