Секторот за инспекциски работи на Општина Центар во соработка со ПС Центар и инспектори од Државниот пазарен инспекторат утринава спроведоа вонреден инспекциски надзор за отстранување на дивите препродавачи околу Зеленото пазарче, информираат од Општината.
Од локалната самоуправа известуваат дека граѓаните кои живеат во зградите и околината на пазарот до општината во повеќе наврати имаат поднесено жалби и барања за отстранување на препродавачите.
– Заради препродавачите, слободното движење по тротоарите е многу отежнато, а целиот простор е полн со смет и ѓубре кои тие го оставаат зад себе. Општината ќе спроведува редовни акции се до конечно отстранување и прекинување на оваа пракса, соопштуваат од општина Центар.
Оттаму велат дека покрај хаосот кој се создава, ниедна институција нема увид во стоките кои тие ги продаваат и начинот на кој тие ги продаваат.
– Овој инспекциски надзор доаѓа по барањата на граѓаните, кои и на средбите што ги имавме со нив, но и на други начини побараа од нас да се справиме со препродавачите кои очигледно им создаваат проблеми. Од дивите препродавачи се жалат и пазарџиите кои регуларно си закупуваат тезга во затворениот дел од пазарот. За да може некој да продава на јавен простор треба да си има уредна документација. Секој оној што не поседува соодветна документација е подложен на контрола и санкција. На нас жителите и нивните услови за живот ни се секогаш на прво место“, изјави градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Општината најавува дека во наредниот период ќе се спроведуваат зачестени заеднички инспекциски надзори и на други локации во Центар каде се наоѓаат нелегалните препродавачи.