Службите на Општина Центар, денеска повторно го исчистија насобраниот смет околу кантите во населбата Кале што се под надлежност на ЈП „Комунална хигиена“ и Град Скопје, објавија од Општина Центар.

„И ова утро, повторно го исчистивме насобраниот смет околу кантите во населбата Кале што се под надлежност на ЈП „Комунална хигиена“ и Град Скопје. Комунална хигиена два пати испраќа деманти дека чисти според динамика утврдена со Оперативна програма за собирање и транспортирање на комунален отпад, но службите на Општина Центар скоро една недела го собира сметот тука. Викендов, направивме и дезинфекција, ги искречивме ѕидовите и поставивме канти за отпад откако утврдивме дека има само една од градот. И во населбата Крњево исто така, денеска не е исчистен сметот“, вели Герасимовски.

Општина Центар упатува апел до Комунална хигиена поажурно да работи, затоа што жителите во Центар секојдневно се јавуваат сметот да се исчисти.